Балкан
8. July 2016 - 10:41

Во Грција се најавува реконструкција на Владата

Грчката Влада ова лето се соочува со измени на изборниот закон, спроведување на тешките реформи, се обидува да се справи со последиците предизвикани од откритието дека минатата година бил планиран излез на земјата од еврозоната, а на маса е и реконструкција на Владата.

Весникот „Катимерини“, повикувајќи се на свои извори, пишува дека реконструкција сигурно ќе има, но оти тоа не е итен приоритет на премиерот Алексис Ципрас.

Иако ништо не е сигурно, според истите извори, многу веројатно е дека министерот за миграциска политика Јанис Музалас ќе биде сменет од функцијата и ќе биде испратен како претставник на Грција во меѓународна организација.

Весникот потсетува дека Музалас предизвика мини криза во април годинава, кога нашата земја ја нарече Македонија, што предизвика бура од протести, особено од страна на членовите на помалиот коалициски партнер, екстремно десничарската Независни Грци.

Спротивно на тоа, контроверзниот заменик-министер за здравство, Павлос Полакис се очекува да го задржи своето работно место, а други министри кои би можеле да бидат сменети се министерот за економија Јоргос Статакис, заменик-министерот за финансии Трифон Алексиадис и за енергија Панос Скурлетис.

Она што е речиси сигурно е дека министерско место нема да добие ниту еден поранешен член на ПАСОК, освен можеби на Марилиза Ксенојанакопулу, поради противењето од страна на Групата 53, фракција во владејачката Сириза која себеси се смета за чувар на „чистотата на партијата“, наведува „Катимерини“.