Балкан
19. March 2020 - 13:05

Во Грција родено првото бебе од мајка позитивна на коронавирусот

Во Грција вчера се роди првото бебе од мајка заразена со коронавирусот, а пак резултатите од првиот брз тест за Ковид-19 на новороденчето се негативни, јави дописничката на МИА од Атина.

Во неделата, 24-годишната мајка имала симптоми на грип, а по направената анализа за коронавирусот, позитивни биле и нејзините резултати и резултатите на нејзиниот сопруг.

Според ректорот на атинскиот Универзитет во чии рамки е и Клиниката за гинекологија, жената била хоспитализирана и активиран планот за третман на бремени жени, а вчера се породила со царски рез.

Директорката на Гинеколошката клиника Софиа Калантариду за грчката телевизија „Скај“, рече дека во болницата веќе постои специјален оддел наменет за вакви случаи, а вработените веќе имале соодветна обука особено во делот со специјалните скафандери за заштита.

Токму тоа го споменува и гинекологот Јоргос Хрељас, кој вели дека со оглед на тоа што знаеле дека жената е заразена со коронавирусот, потребна била дополнителна претпазливост и лична заштита, а искуството, вели било „и малку стресно на почетокот“, бидејќи „униформата е малку чудна, едноделна униформа, како астронаут“.
Целиот случај го коментираше и министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас преку неговиот официјален „Твитер“профил објавувајќи селфи фотографија на лекарите со мајката.

-И на сред тешкотии, се роди надеж. Докторите и медицинските сестри во болницата „Атикон“ по раѓањето на првото дете во нашата земја, од мајка позитивна на коронавирусот. Бебето е здраво, напиша Кикиљас на неговиот официјален „Твитер“ профил.