Балкан
31. January 2021 - 19:09

Во Грција потврдени вкупно 174 случаи на мутации на Ковид-19, од кои еден од јужноафриканскиот тип

Националната организација за јавно здравје на Грција, попладнево соопшти 108 нови случаи на мутации на Ковид-19, од кои 107 се од британскиот и еден од јужноафриканскиот тип, со што вкупниот број на мутирани случаи во земјата се зголеми на 174, јави дописничката на МИА од Атина.

Новите случаи се по анализираните примероци за периодот од 12 до 27 јануари, а 80 во областа Атика, поширокиот дел на Атина, од кои 50 во дом за стари лица, 14 се на Халкидики, 11 во Патра и по еден во Солун и Пиериа.

Првиот случај на јужноафриканската мутација на Ковид-19 е во Солун, а како што соопшти заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, потврден е кај свештено лице во солунска црква.

Хардаљас рече дека случајот не се однесува на ширење на вирусот меѓу членовите на конкретниот Соборен храм и истакна дека „нема потреба од паника, потребна е смиреност и трезвеност“.

Заменик- министерот за цивилна заштита на Грција, заедно со претседателот на Националната организација за јавно здравје Панајотис Аркуманес денеска итно заминаа за Солун, откако беше потврден првиот случај на јужноафриканскиот тип на Ковид-19.

Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани вкупно 156.957 случаи на Ковид-19, а починаа 5.796 лица.