Македонија
23. April 2021 - 8:38

Во Грција на патување само со негативен ПЦР тест или сертификат за вакцинација

Според најавите, на сите наши граѓани кои сакаат да патуваат во Грција, ќе им биде потребен сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест.
 
Нашата држава, како што изјави вчера министерот за здравство, Венко Филипче, веќе има изготвено сертификат, по насоки на ЕУ, со посебен код кој ќе послужи на граѓаните да патуваат во Грција, откако тамошните власти ќе донесат и официјална одлука за тоа.
 
Според најавите што Филипче ги добил од грчкиот министер за туризам Теохарис, тоа се очекува да се случи на 14 мај. Освен сертификат за вакцинација, граѓаните кои не се вакцинирани ќе може да патуваат и со потврда за негативен ПЦР – тест што може да го направат во една од дваесетте лаборатории кои имаат дозвола од Министерството за здравство.
 
-Тоа што би требало да се бара при премин на границите се потврда или за примена вакцина за што ние имаме спремна потврда со соодветен код, кој ќе биде прифатен на сите гранични премини. Тој сертификат е подготвен и на почеток на следната недела веќе во понеделник ќе се издава ретроактивно на сите лица кои се ревакцинирани. Доколку граѓаните не се вакцинирани, вториот услов е негативен ПЦР тест, изјави вчера Филипче.
 
Инаку, уште не се знае дали со една доза на вакцината Астра Зенека ќе може да се патува во странство, но така функционира и таква одлука има кај Велика Британија.