Балкан
1. April 2020 - 18:31

Во Грција 1.415 лица заразени со Ковид-19

Од почетокот на епидемијата на Ковид-19 во Грција регистрирани се вкупно 1.415 заразени лица и 50 смртни случаи.

На денешната редовна прес-конференција во Министерството за здравство на Грција, професорот епидемиолог Сотирис Циодрас рече дека во изминатите 24 часа потврден е 81 нов случај, едно лице починало, а 90 се на лекување, приклучени на апарати.

Во Грција, до сега била направена анализа на 17.350 примероци.

Паралелно во вкупниот број регистрирани случаи во Грција, вклучени се и уште 20 заразени лица од бродот „Елефтериос Венизелос“ што е закотвен на атинското пристаниште Пиреас.

Како што објасни заменик – министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, бродот тргнал на 7 март 2020 година од Турција за Шпанија, а на 23. истиот месец бил во близина на Пиреас откако Турција одбила да го прими назад, со што почнала постапката за репатријација на патниците.

Во меѓувреме, еден член на екипажот, швајцарски државјанин, бил пренесен во болница со симптоми на Ковид-19, по што бил направен тест, а резултатот бил позитивен и започнала проверка на контактите.

Во бродот има вкупно 383 патници, а според грчките медиуми станува збор за морски работници.