Македонија
17. April 2021 - 17:41

Во Градско собрани рекордни 69 крвни единици

Во акција за крводарување во Градско денеска се собрани рекордни 69 крвни единици. Од крводарителите, четворица за првпат даруваа крв и станаа дел од Друштвото на хуманите.

Крводарителската акција ја организираше екипа од Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, Општинската организација на Црвниот крст и Општина Градско.

Секретарот на Општинската организација на Црвениот крст Орце Николов во изјава за МИА ја оцени акцијата како повеќе од успешна.

– Крводарителите од Градско и околните населени места продолжија да бидат едни од најахуманите во државата. Во општината, која брои само околу 3.500 жители, на денешната крводарителска акција се донираа 69 крвни единици, што е одлична бројка и висок процент на дарувања во однос на бројот на жители, потенцира Николов.

Во акцијата, освен медицинските екипи, беа вклучени и пет волонтери на Општинскиот Црвен крст.