Македонија
7. јуни 2020 - 16:47

Во градинка во Кочани дури деветмина заразени

Девет вработени во кочанската детска градинка „Павлина Велјанова“се позитивни на Ковид 19. Ова го покажале резултатите од скринингот на вкупно 103 теста од вработени во пред школските установи во Штип и Кочани. Специфично е тоа што ниту една вработена немала симптоми карактеристични за корона вирусот. Бројот на активни случаи во Кочани, градот кој во продолжениот викенд куртули од целосен карантин се зголеми на 20. Во Штип се евидентирани 12 нови позитивни случаи. Изминативе 6 дена во градот се врши масовен скрининг на 850 текстилни работнички вработени во 7 конфекции. Се тестираат и членови на нивните потесни семејства опфатени со епидемиолошката анкета, како и пациенти со упат од матичен лекар.

Иако бројката на активни случаи во градот се зголеми на 136, сепак штипските медицинари се надеваат дека трендот на голем процент на асимптоматски случаи ќе продолжи и нема да дојде до оптоварување на здравствениот систем.

На инфективното одделение при штипска клиничка се хоспитализирани 22 пациенти. Сите се со лесна и средно тешка клиничка слика. На одделението има капацитет за прием на уште 11 пациенти, а постои и план Б, кој подразбира евакуација на нервното одделение и ослободување на дополнителни 16 кревети. Доколку се создаде потреба за лекување на пациенти со тешка клиничка слика и на кои им е потребна интензивна нега, болницата може да хоспитализира 6 пациенти на респиратори со централен довод на кислород.