Македонија
19. August 2017 - 14:54

Во гостиварската населба Циглана, прославен празникот Преображение Господово

Со голем црковно-народен собир во манастирот во изградба „Св. Преображение Христово“ во гостиварската населба Циглана се прослави православниот празник Преображение Господово. Прославата на празникот во Гостивар започна со света архиерејска литургија во соборниот храм „Св. Богородица“ и благословување на гроздовиот плод.

Прославата на патронот на храмот во Циглана, започна со литургија со која чиноначалствуваше г. Јосиф, надлежниот митрополит тетовско-гостиварски.

- Како што Господ се искачи на гората Тавор, така и ние треба да го следиме и да се искачуваме на гората на нашето срце, да внимаваме над срцето и преку стекнување на добродетелите да го оставиме метежот на страстите на овој свет. Најнапред, творејќи ги трите главни добродетели - верата, надежта и љубовта. Преку тоа ние пополека си ги чистиме своите срца од страстите, се чистиме од гревот, од неверието, сомнежот, гневот, омразата и се просветлуваме и целосно се преобразуваме, рече во своето обраќање митрополитот г. Јосиф.

Манастирот „Св. Преображение Христово“ започна да се гради во 2014 година со иницијатива на неколку жители на населбата Циглана. Според иницијаторите, овој православен храм е прв што се гради во Гостивар по пауза од 120 години.