Македонија
14. February 2019 - 16:49

Во Гостивар комеморација за загинатите- присуствуваат претседателот Иванов и премиерот Заев

Тридневна жалост во Гостивар. Градот се стише тагувајќи за загинатите роднини, пријатели, сожители. Гостиварци во неверување за трагедијата се уште се во шок. Не сакаат да ја коментираат несреќата, упатија сочувство до семејствата и велат  споменот за трагично загубените животи ќе остане вечен.

Запре сообраќајот, работата, наставата. Во општината се одржа комеморација загинатите патници во автобуската несреќа. Ова е тажен ден за Македонија и за сите нас, нека им е вечна слава порача претседателот на државата.

- Се вели дека луѓето не умираат кога ќе ги погребат, туку кога ќе ги заборават. Да остане споменот за овие луѓе вечен, да се сеќаваме на нив, да ги спомнуваме, и на нивните најблиски да им помагаме овие тешки моменти да ги пребродат. Тешка е загубата, но уште потешко е ако вакви настани ни се повторуваат. Ова е поука да бидеме секој пат внимателни, рече претседателот Иванов.

„Овие луѓе кои ги изгубиле своите животи ги изгубиле своите соништа, ги изгубиле своите планови, ги изгубиле сите свои мечти, кои се стремеле да имаат добар и среќен живот. Нека биде поука да бидеме сплотени, да се почитуваме, и секој пат да си укажуваме на вакви моменти поддршка, затоа што животот е краток, многу брзо проаѓа. Нека биде животот исполнет со моменти на среќа и на радост, а не со тага. Уште еднаш изразувам најдлабоки сочувства до семејствата, до пријателите, до блиските, до општината, до државата.

Накомеморацијата присуствуваа премиерот со своите помошници и министри. Заев упати уверување  дека Владата ќе стори се да ги расветли причините за трагичната несреќа.

- Ја споделуваме големата болка со вас. Душата `не боли, за секој згаснат живот. Тоа се и наши сограѓани, тоа се и наши деца, беа и наша надеж. И тагата е заедничка. Зборовите за утеха во вакви моменти тешко се наоѓаат, зашто нема утеха за срцата кои тагуваат по саканите.Свесен дека зборовите сега не можат да допрат до душата која жали. Но можеби понатаму, ќе бидат нечија водилка низ болката, којашто, не поминува, ама човек учи да живее со неа.Драги пријатели и сограѓани, човекот, додека има луѓе околу себе, не е сосема сам. И дојдов да ви кажам, дека загубата е ненадоместлива, но не сте сами и нема да ве оставиме сами. Духовно сме со вас. А ќе бидеме со вас и во иднина. Преземаме обврска да помогнеме на семејствата со возможното и за тоа лично ќе се заложам.

Таткото на градот изрази длабоко сочувство за сите семејства на загинатите согрѓани. Се заблагодари на надлежните и сите мештани, кои вчера им укажаа прва помош на настраданите.   Таравари со апел до сите граѓани да извлечат поука од оваа траорна несреќа за во иднина повеќе да ја негуваат меѓусебната почит.

- Болката останува кај сите нас. Тешко е да се контролира, особено за мајките, татковците и роднините.„Се надеваме дека загинатите се на подобро место, во рацете на Господ. Дај боже никогаш да не се повтори. Животот е краток. Се надевам дека тие се поблиску до Господ.„Денес е ден на жалост, им се искажува почит на загинатите. Мое длабоко сочуство до семејствата. Ова досега е најтежок говор. 14 човечки животи, 14 прекинати приказни. Тие се враќаа дома во нашиот Гостивар, но не било пишано. Тоа е божјата волја“

По комеморацијата беше отворена книга на жалост во сеќавање и чест на загинатите граѓани од овој град .