Македонија
2. March 2020 - 13:51

Во Гостивар формирано здружение за поддршка на деца со аутизам

Во Гостивар е формирано здружение за поддршка на лица со аутизам преку кое родителите и семејствата на децата со аутизам од гостиварскиот регион ќе имаат нова можност за справуавње и надминување на проблемите. Викендов беа промовирани дел од целите и програмата на Здружението на лица со аутизам „Blue Puzzle“.

Според претседателот на здружението Ваљон Емини, основната задача во работењето ќе биде обезбедување поголема институционална поддршка и заедничко делување преку работилници и обуки за рано откривање на аутизмот кај децата и надминување на предрасудите кои владеат.

Поддршка за формирањето, новото здружение доби и од локалната самоуправа. Градоначалникот Арбен Таравари во обраќањето напомена дека општината дала значаен придонес во последниве две години во насока на помагање на лицата со попреченост и децата со аутизам.

-Ќе продолжиме така и во иднина. Се надевам дека наскоро ќе го отвориме и првиот Центар за лица со аутизам и пречки во развојот во нашиот град кој предвидовме да биде сместен во објектот на поранешниот колеџ „Јахја Кемал“. Предвидуваме ова да биде најдеполитизирана институција во земјава, рече Таравари.