Бизнис
21. December 2017 - 19:51

Во Гевгелија протест против нови рудници

Гевгеличани несакаат рудници на нивна територија. Преку мирен протест тие денеска уште еднаш го повторија ставот дека се против изградбата на било какви рудници.

Регираат  до  министерството за економија  кое и покрај големиот број на активности против рудниците  побара   мислењето  од општината за издавање нова концесија  за детални геолошки истражувања за минреални суровини на планината Кожув.

 За ваквото барање општинскиот совет на Гевгелија денеска се изјасни негативно, а истото вчера го стори и советот на општина Кавадарци, одлука која беше поздравена од граѓанските активисти.

-Општините од Југоистокот се обединуваат против рудниците на смртта во нашата татковина.  Денес општините од  Југоистокот праќаат јасна, гласна, силна и обединета порака до владата на Република Македонија дека рудници на смртта не и требаат на нашата татковина, вели Златко Трајков од  „Спас за нас“.

Граѓанската иницијатива „Спас за нас“  најавија дека нивните активности против изградбата на рудници ќе продолжат и апелираа до владата да го следи примерот на општинските совети. Гевгелија беше првата општина во државата во која во април годинава се одржа референдум околу изградбата на рудници на кој големо мнозинство граѓани се изјаснија негативно.