Македонија
15. September 2016 - 10:15

Во Гевгелија почна уредувањето на два кружни тека, за асфалтирање улици одвоени 11,6 милиони денари

Во Гевгелија денеска почна уредувањето на двата кружни тека по само дваесетина дена откако нив како рационално сообраќајно решение ги најавија општинските инспектори по сообраќај.

Градоначалникот Иван Франгов, нагласи дека покрај тековното асфалтирање и бетонирање на улици низ населените места, ќе се издвојат уште околу 11 милиони денари општински пари за ефикасно сообраќајно решение кое ќе овозможи поголем проток на возила во централниот градски простор. Тој најави дека наредните десетина дена ќе се создава сообраќаен метеж поради изградбата на кружниот тек на крстосницата меѓу улиците „7 Ноември“, „Слободан Митров-Данко“ и „Радован Ковачевиќ“ во близина на полициската станица и на кружниот тек кај поранешната касарна меѓу улиците „Маршал Тито“ и „Моински пат“.

Надлежните од општина Гевгелија соопштија дека нарачани се проекти за уште два кружни тека, од кои едниот ќе се гради меѓу улиците ,,7 Ноември“ и „Гевгелиски партизански одред“ пред влезот во централниот градски простор, а другиот на крстосницата меѓу „Западниот булевар“ и улицата „Деко Ковачев“.

Согласно годишната програма за изградба и реконструкција на улици во 2016 година во населените места во општина Гевгелија се изведува акција за асфалтирање и бетонирање на улици и краци во која ќе бидат потрошени 11,6 милиони денари од општинската каса. Повеќето од нив,поточно 7,1 милиони денари ќе се потрошат за асфалтирање,а 4,5 милиони денари за бетонирање на помали улици и краци.

Од општината информираа дека во Богородица заврши асфалтирањето на улицата што води до новото училиште и дека денеска се асфалтира централната улица од ова населено место која е составен дел од локалниот пат Гевгелија-Стојаково-Богданци.

Неколку улици почнаа да се гребат и подготвуваат за асфалтирање и во селото Прдејци каде ќе се префрли механизацијата од кога ќе заврши работата во Богородица,затоа што тие улици најмногу се оштетија откако локалните жители се приклучија на новата канализациска мрежа.

Паралелно со ова, во подпланинското село Ново Конско почна бетонирањето на помали улици и краци,односно селски сокаци.