Loading Video...
Свет
10. May 2020 - 14:17

Во Германија се помасовни протести против рестрикциите воведени поради пандемијата

Германија се соочува со сè помасовни протести против рестрикциите воведени поради пандемијата. Таму веќе повеќе од две недели граѓаните излегуваат на улиците во повеќе градови искажувајќи револт од владините мерки за справување со коронавирусот.

Откако полицијата не успеала да ги натера илјадниците насобрани граѓани да го почитуваат меѓусебното растојание, во паркот пред германското Собрание протестите станале насилни, па полицијата привела триесетина демонстранти.

А, уште десетина граѓани се уапсени на протестите во Австралија. И таму жителите револтирани од рестриктивните мерки, чија цел е заштита од ширење на вирусот Ковид-19, излегоа на улиците во неколку градови.

Протести имаше и во Лондон, но таму полицијата ги растера демонстрантите.

А, Австрија до крајот од месецов речиси целосно ќе се врати во нормала. Таму нема веќе рестрикции за движење, поголемите трговци центри веќе работат, а средношколците и студентите се вратени во образовните институции. Од 15 мај ќе се отворат и рестораните, со тоа што на една маса ќе може да седат најмногу четворица возрасни, не вбројувајќи ги децата, а растојанието меѓу масите треба да е 1 метар. Нема да се служи сол и бибер, па гостите сами ќе треба да си носат тие продукти, а маските ќе се задолжителни само за движење низ рестораните, но не и кога се седи на маса. На крајот од месецот ќе се отворат вратите и од основните училишта, но ќе проработат и хотелите, јавните базени, зоолошките градини и сите останати туристички атракции. Според планот на австриските власти, градинките ќе се отворат последни, на почетокот од идниот месец.

Францускиот парламент доцна синоќа се изјасни за продолжување на вонредната состојба во нивната земја до 10 јули. Но, од кабинетот на претседателот Макрон информираа дека ќе поднесат иницијатива за проверка на уставноста, бидејќи ставот на Елисејската палата е дека ваквата одлука се коси со францускиот закон за индивидуална слобода.