Свет
11. January 2016 - 18:08

Во Германија нападнати странци поради новогодишните инциденти

Група Пакистанци и Сириец биле нападнати во Келн по информациите дека странци, меѓу нив и бегалци, биле дел од напаѓачите на околу 170 жени за време на новогодишната ноќ во неколку германски градови, јави дописникот на МИА од Берлин.

Според полицијата во Келн група од околу 20 луѓе вчера нападнале шестмина Пакистанци при што дел од нападнатите биле пренесени во болница со тешки телесни повреди. Во друг инцидент еден Сириец бил повреден во напад од петмина при што се здобил со повреди но не побарал медицинска помош. Полицијата испитува дали нападите се расно мотивирани и дали се одмазда за новогодишните инциденти кои што предизвикаа гнев кај дел од германската јавност која ги обвинува странците и бегалците за нападите.

Како резултат на се поголемото негативно мислење кај германската јавност за бегалците кои што наводно учествувале во нападите канцеларката Меркел предложи мерки со кои ќе се менуваат германските закони според кои сега за некој барател на азил да биде протеран од земјата треба да биде осуден на казна од најмалку 3 години затвор и да се соочува со опасност по живот доколку се врати во матичната земја.

Состојбата стана уште подраматична откако високи регионални претставници во покрината Западна Рајна Вестфалија потврди дека речиси сите напаѓачи во новогодишните инциденти во кои физички, вербално или сексуално биле малтретирани околу 170 жени во поголем број градови биле странци а голем дел од нив биле баратели на азил. Ксенофобијата во земјата беше во пораст и пред последните инциденти во Келн, Штудгарт , Хамбург и други германски градови. Во текот на 2015 во Германија се случиле над 800 напади на бегалци или баратели на азил. Само околу 5 % од нападите врз сместувалишта за бегалци се расчистени од страна на Германските власти.