Македонија
12. January 2022 - 16:33

Во ек на Омикрон со илјадници заразени дневно нема тестови на државна сметка - граѓаните до сега платиле околу 30 милиони евра

Не само рекорди на нови случаи со Ковид, деновиве се прават и рекорден број тестирања, но парите ги даваат граѓаните од свој џеб.

Ако се земе последната дневна статистика, завчера од 7724 направени тестови само 1.027 се на државно, останатите 6.697 се во приватните лаборатории.

За скоро 2 години од почетокот на пандемијата имало 1.665.043 тестирања, од нив за 1.205.902 Ковид тестови платени се приватно. Ако просекот на еден ПЦР е 25 евра. Граѓаните потрошиле над 30 милиони евра за да дознаат дали се позитивни или негативни.

Една од причините за ова според матични лекари е што многу тешко се доаѓа до термини за тест во државна лабораторија.

-На товар на Фондот за здравство најверојатно за 7-8 дена од сега, најверојатно не во Скопје, т.с во Тетово или околината, а на приватно веднаш, вели матичниот лекар д-р Ненад Лазаров.

Бидејќи нема термини за ден-два голем број граѓани одлучуваат да се тестираат со брзи тестови од аптека кои се поевтини. Но, ова според лекарите дава нереална епидемиолошка слика, пациентите сами си одредувале колку и дали ќе бидат во изолација зошто матичните не можат никако да ги евидентираат во системот, а бројката на самотестирани е многу голема.

-Нема да претерам 6 од 10 случаи, тоа е страшно фрапантно, уште поголем проблем е што ние немаме никаква моќ, ниту ингеренција нешто околу тоа да преземеме, буквално ни доаѓаат со тестот во ќесенце, а ти треба да го третираш, а немам право да напишам Ковид како дијагноза, бидејќи немам потврда за тоа, вели д-р Ненад Лазаров, матичен лекар.

Од министерството за здравство за реакциите од граѓани и матични дека нема доволно термини за Ковид тестови на државно велат дека тие не ја правеле распределбата.

- Во зависност од тоа колкав е капацитетот на лабораториите, се одредува и бројот на термини кој ќе биде издаден за јавно здравствените установи.  Во процесот на одредување на потребни термини за тестирање учествуваат Центрите за јавно здравје, како и самите Здравствени домови каде се спроведува тестирањето, одговорија од мз.

Од тука се поставува прашањето кој ја менаџира ковид кризата, и дали државата ако нема капацитети требаше да склучи договори со лабораториите за да не се трошат граѓаните.

-Чувствувам потреба да потенцирам дека не се они виновни, тоа е приватен сектор и они си ја работат работата за која се лиценцирани. Државата е виновна што дозволи да не се склучат договори и по 200 евра се наплаќаа брз тестови за патување. Зборуваме за лошо менаџирање до еден одреден период. Последните 2 месеци сме во анархија тотална, не постои менаџмент на криза, вели доктор Лазаров.

Досега  во земјава регистрирани се 236.000 позитивни на Ковид. А битката со вирусот  ја загубија 8055 граѓани, што ја вброи Македонија меѓу првите земји во светот по најголема смртност.