Македонија
17. November 2019 - 17:00

Во Дојран санирани штетите од надојдената вода во езерото

Најкритичниот дел од патеката на Дојранското крајбрежје кој беше оштетен од надојдените води веќе е саниран. Околу 350 метри  кои беа руинирани се комплетно обновени, а со новиот проект беа отворени и две нови плажи со вкупна должина од 300 метри.

Проектот  го реализираше центарот за развој на Југоисточниот плански регион преку бирото за регионален рамномерен развој.

,,Направивме една навистина значајна инвестиција на крајбрежјето со што се ослободија две плажи кои што наредната туристичка сезона можат да се стават во функција. Министерството обезбеди околу 4 милиони и 200.000 денари, меѓутоа и општината Дојран со 400.000 денари го потпомогна овој проект со тоа што се направија и патеки, а се оспособија како што кажав и две плажи во Дојран, вели Горан Милевски, министер за локална самоуправа.

,, Како се збогатуваат содржините на Дојран, Дојран станува се поатрактивен за туристите не само од нашата држава туку и од другите држави, а тоа значи локален економски развој не само за општина Дојран, туку и за целиот регион.,, вели Жулета Ѓуркова, раководител на Центар за развој на ЈИ регион.

За градоначалникот на Дојран реализацијата на овој проект ќе значи и решавање на едно од најгорливите прашања за време на туристичката сезона, повеќе простор за плажирање. Плажите нема да бидат дадени под концесија.

,,За овие плажи планирано е  да останат пред се слободни плажи заради тоа што имаме се поголем број на туристи кои што сакаат слободни плажи“, вели нго Ангов, градоначалник на Општина Дојран.

Од министерството за локална самоуправа најавија дека поддршката на Дојран со цел развој на туризмот продолжува и во наредниот период. Покрај проектите кои ќе се реализираат со средства од државата во тек се и неколку прекугранични проекти.  Со општини од Грција ќе се работи на еколошка заштита на езерото за што е обезбеден буџет од околу 1 милион и 400 000 евра, а како дел од прекуграничната соработка со Бугарија целосно ќе биде реконструирана саат кулата во Дојран, проект вреден околу 250 000 евра.