Македонија
17. January 2019 - 14:35

Во Делчево се поголем бројот на родители кои одбиваат да ги вакцинираат децата со МРП вакцина

Вкупно 50 деца се уште не ја примиле вакцината против морбили, рубеола и паротит (МРП) во Делчево. Ова денеска го соопшти Директорката на делчевскиот Здравствен дом Марија Глигоровска која рече дека во период кога постои голема антикампања против вакцинирањето, се поголем е бројот на родители кои одбиваат нивните деца да ја примат вакцината.
 
Директорката Глигоровска посочи дека во една општина како што е Делчево, 50 деца не се малку и оти и таму може да се разгори епидемија и покрај тоа што, како што рече, сме околу 200 километри оддалечени од Скопје.
 
– Вакцината го заштитува пациентот во најголем дел од случаите или да речеме, ако се случи во текот на животот да се заболи од морбили, детето или повозрасната личност која е вакцинирана, полесно ќе ја прележи појавата на морбили, кое е многу заразно заболување, вели Глигоровска.
 
Додаде дека според одредени сознанија, кога нема да се прими вакцината против морбили, а болеста е прележана, постои можност и по 20 години да се појави компликација кај личноста која не е вакцинирана.
 
– Појавата што може да настане и по 20 години по прележувањето се вика паненцефалитис или воспаление на мозок, така што родителите кои ја поддржуваат антикампањата против вакцината, треба многу да се информираат пред да прочитаат какви било информации на социјалните мрежи и да веруваат во непроверени информации, посочи Глигоровска.
 
Глигоровска смета дека и докторите и новинарите придонесуваат за антикампањата и повтори оти многу добро треба да бидеме едуцирани, пред се за причините и последиците, пред да донесеме одлука да не го вакцинираме детето, односно да го осудиме да биде во исчекување на тие последични промени кои поради непримената вакцина можат да му се јават во животот.
 
Во насока на препораките што делчевскиот Здравствен дом ги доби од Министерството за здравство извршена е контрола и проверка на вакцините што се наоѓаат во установата, при што не е констатиран случај на вакцина со различен рок на траење од втиснатиот датум на производителот.