Македонија
5. November 2019 - 11:48

Во Делчево продолжуваат активностите од проектот „Социјална отчетност и правно зајакнување“

Невладината организација „КХАМ“ од Делчево започна со спроведување анкети наменети за припадниците на ромската заедница. Активноста, како што информираа од здружението е дел од проектот „Социјална отчетност и правно зајакнување“.

– Прашалникот опфаќа прашања со демографски и социо-економски податоци, пристап до здравствените услуги, квалитет на здравствени услуги и дискриминација во здравствената заштита. Исто така со анкетите се утврдува здравствената состојба, услугите кои ги нудат граѓанските организации, почитување на правата на пациентите, а воедно има посебен дел на прашања посветени на здравјето на жените и децата од ромската заедница, соопштија од НВО „КХАМ“.

Освен во Делчево, овој прашалник додаваат, ќе го пополнува и ромската популација од Виница и Пехчево.

– По завршувањето на активностите во Делчево, анкетните листови во наредниот период ќе бидат пополнети и од страна на Ромите кои живеат во Пехчево, село Црник и Виница. Како активност во склоп на проектот „Социјална отчетност и правно зајакнување“ очекуваме од добиените одговори да добиеме реален приказ за предизвиците на секое семејство, но и на ромската заедница воопшто во регионот, додадоа од „КХАМ“ Делчево.

Проектот „Социјална отчетност и правно зајакнување“ е финансиски поддржан од ФООМ, со период на имплементација јули 2018 – јуни 2020 година. Меѓу главните цели на проектот е подобрувањето на здравјето на децата, со посебен фокус на одржување на позитивна стапка (95%) на имунизирани ромски деца од 0-15 години во Делчево, Виница и Пехчево.