Македонија
5. May 2019 - 9:53

Во Делчево, Берово, Пехчево и Македонска Каменица почна гласањето за 36.292 граѓани

 Во Делчево, Берово, Македонска Каменица и Пехчево, како што информираат претседателите на општинските изборни комисии, гласањето во вториот круг од Претседателските избори започна навреме и се одвива во мирна и демократска атмосфера. Во овие четири општини право на глас имаат 36.292 гласачи.
 
– Гласачките места се отворени навреме и се гласа во демократска и мирна атмосфера. Со право на глас согласно евиденцијата во избирачкиот список во Делчево се регистрирани 14.673 граѓани кои ќе гласаат на 36 избирачки места, изјави Владимир Петровски, претседател на ОИК Делчево.
 
Гласањето во вториот круг започнало навреме и без никакви проблеми и во Берово, информира претседателот на Општинската изборна комисија, Мишо Догазански
 
– Изборните места се отворени навреме и проблеми при гласањето што веќе започна не се забележани. Право да гласаат во вториот круг од Претседателските избори во Берово имаат вкупно 10.879 лица, кои се распоредени на вкупно 16 избирачки места. Првична бројка за процент на излезност ќе соопштиме околу 10 часот, истакна Догазански.
 
Гласањето започна навреме и без проблеми и во општините Пехчево и Македонска Каменица. Најмал број граѓани кои имаат право на глас од споменатите општини има во Пехчево. Таму според информациите на претседателот на ОИК, Горан Котевски, право на глас на Претседателските избори имаат 4121 лице. И таму изборниот процес започнал навреме и без никакви проблеми. 
 
Во Македонска Каменица се гласа на 17 избирачки места, а право на глас како што информира Сања Митревска, претседател на ОИК имаат 6619 лица кои се евидентирани во избирачкиот список.