Свет
6. August 2020 - 10:15

Во дел од Јапонија прогласена вонредна состојба поради Ковид-19

Гувернерот на централната јапонска префектура Аичи денеска објави вонредна состојба во тој регион, како резултат на зголемувањето на бројот на заболени од коронавирусот.

Гувернерот Хидеаки Омура денеска ги замоли компаниите и продавниците да не работат воопшто или да затвораат порано и ги повика граѓаните вечерва да останат дома.

Мерката ќе биде во сила до 24 август, време што се совпаѓа со празникот Обон, кога училиштата и многу компании се затворени. Префектурата Аичи го вклучува и градот Нагоја, каде седиште е јапонскиот производител на автомобили Тојота.

Гувернерот рече дека бројот на потврдени случаи на вирусот се зголемува во Аичи од средината на јули со стапка од 100 и повеќе на ден. Пред тоа, во таа префектура имаше подолги периоди кога не беа пријавени нови случаи на инфекција со вирусот.

Јапонската Влада повика на социјално дистанцирање и затворање на деловните активности во април, но тие мерки постепено беа укинати. Во Јапонија има речиси 42.700 потврдени случаи на заболени со новиот коронавирус и околу 1.000 смртни случаи.