Македонија
29. August 2020 - 16:01

Во Дебар нема новозаразени со Ковид-19, едно лице ја победило болеста

Во последното деноноќие во Дебар нема новозаразени со Ковид-19, а едно лице впишано е во списокот на оздравени.

-По вчерашните девет нови случаи, денеска нема новозаразени, но тоа не значи дека следните денови нема да има. Очекуваме резултати од земени брисеви, а она што посебно загрижува е масовното непочитување на препораките и мерките за заштита, велат од општинскиот Оперативен штаб.

Повторно апелираат до граѓаните и деловните субјекти на строго почитување на препораките,зашто само на тој начин, додават, ќе можеме да се заштитиме од опасниот вирус.

Од почетокот на пандемијата до сега од направените околу 1.250 тестови позитивен резултат е добиен кај 252 лица. Битката со опасниот вирус ја добиле 158 а ја изгубиле десет.

Моментно активни на болеста се 84 лица, поголемиот број од нив се со полесна форма на болеста, дел се лекуваат амбулантски во Општата болница во Дебар, додека петнаесеттина се хопитализирани во здравствени установи во Скопје.

-Во првата фаза имавме 51 заболен додека остантите 201 се во втората фаза,односно од петти јуни до вчера. Поголемиот број од заразените во втората фаза се од помладата популација. Масовното непочитување на мерките доведува до тоа. Има групирање по кафулиња и плажите на Дебарско Езеро,без почитување на мерките, па младите вирусот го носат дома од што се заболуваат и нивните родители дедовци и баби, вели Ментор Меља, епидемиолог.

Додава дека за разлика од првата фаза кога од 51 заразен само двајца беа од општина Центар Жупа а сите други од градот Дебар, сега опасниот вирус е проширен речиси во сите населени места во двете општини.