Македонија
15. March 2016 - 8:52

Во Дебар 500 нови барања за легализација на дивоградби

Во секторот за урбанизам во општина Дебар доставени се нови 500 барања за легализација на дивоградби, по усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за третман на бесправно изградени објекти.

Раководителот на секторот за урбанизам Петрит Пачуку информира дека станува збор за објекти изградени до 2011 година. Бидејќи рокот е до крајот на месецов се очекува бројот на нови барања да биде поголем.

- Што се однесува до претходно доставените барања тие речиси половина се решени. Од вкупно 2.086 барања до сега решени се 1.010, со што се вбројуваме меѓу  најуспешните општини во државава на овој план, рече Пачуку.

Останатите барања остануваат нерешени, главно поради некомплетна документација, пред се немање геодетски елаборат, но има и такви кои не може да се решат поради нерешени имотно-правни работи.

Пачуку апелира до сите дебарчани кои сакаат да достават барање да го запазат рокот, 31март, но и до оние кои не ги докомплетирале документите тоа да го сторат, за што крајниот рок е 31 декември годинава.