Балкан
5. October 2016 - 8:33

Во Бугарија утре стартува новата гранична служба на ЕУ

Новата гранична служба на Европската унија, која ќе го замени досегашниот Фронтекс, официјално ќе почне со работа утре во Бугарија, на свеченост на која ќе присуствува и еврокомесарот за внатрешни работи Димитрис Аврамопулос, соопшти Европската комисија. 

Се предвидува припадниците на новата служба да бидат распоредени на бугарско-турската граница.

Главна задача на службата е да бидат обезбедени надворешните граници на ЕУ во променливата ситуација поврзана со безбедноста и миграцијата.

Формирањето на службата траеше околу девет месеци од предлогот за нејзиното основање од Европскиот парламент и од Советот на ЕУ. 

Граничната служба ќе извршува постојана оценка на слабите места на надворешните граници. Таа ќе располага со постојан контингент од 1.500 европски граничари, подготвени за брза реакција.

Службите ќе учествуваат и во операции за екстрадиција на мигранти, кои неаконски влегле во ЕУ, како и на странци, кои без дозвола престојуваат во Унијата.