Македонија
15. May 2018 - 16:42

Во болницата во Штип почна со работа ангеографот кој една година беше во дефект

По една година во дефект и обезбедени 50 000 евра за поправка, повторно ставен во функција ангеографот на интерно одделение при штипска клиничка. За среќа на 37 годишен пациент, кој беше примен со развиен акутен инфаркт, апаратот веќе работеше, а кардиолозите му го спасија животот.

- Му се изврши интервенција, стентирање на левата главна коронарна артерија и пациентот во стабилна здравствена состојба се наоѓа на одделот за интензивно лекување на интерно одделение- изјави Д-Р Сашо Николов, интервентен кардиолог, клиничка болница - Штип

Ова не е новина, се работело и порано, додаде д-р Николов, но во моментот во ангеографската сала има доволно материјал за да се излезе во пресрет на 50-ина пациенти кои се запишани на листата за чекање. Во изминатиот период од една година, итните пациенти од Истокот беа упатувани во Скопје.

- За жал, имаше и такви кои завршуваа на пат кон Скопје или во нашата болница. Тоа е нешто поради кое е од круцијално значење самата ангеографска единица да функционира, да работи, за да можеме да интервенираме акутно и веднаш- изјави Николов

Капацитетот на ангеографската сала е од 4 до 5 интервенции дневно, плус сите пациенти со акутен инфаркт, во и вон работното време. Работат 5-мина доктори, двајца интервентни кардиолози и тројца специјализанти на едукација.