Македонија
20. September 2021 - 14:03

Во болницата во Куманово 62 хоспитализирани, 50-тина се лекуваат амбулантски

 Во модуларната болница во Куманово, хоспитализирани се 40 пациенти кои се лекуваат од Ковид-19, на инфективното одделение се лекуваат 22 пациенти, а во дневна болница се лекуваат 50-тина пациенти, соопштија денеска надлежните од болницата.

Во модуларната болница има слободни места, пополнети се капацитетите на инфективното одделение. Од вкупно хоспитализираните 62 лица, 51 пациент се на кислородна поддршка.

– Во однос на хоспитализацијата и амбулантските прегледи релативно стабилна е состојбата. Сè уште има наплив на пациенти, голема општина сме. Последниве денови имаме многу пациенти од околните, Кратово, Крива Паланка, но и од градот Куманово. Имаме благо намалување на прегледи во амбулантата, изјави директорката на болницата Снежана Захариева.

Во пресрет на есенските постудени денови, болницата е подготвена со сите капацитети да ги прими пациентите кои ќе побараат лекарска помош заради Ковид-19. Најголем број од хоспитализираните се на возраст од 50 до 70 години, но има и помлади пациенти од 30 до 40 години, некои од нив без коморбидитети, дел со прекумерна телесна тежина, дијабетес и други заболувања, кои појасни Захариева, потешко се справуваат со болеста, но во моментов се во стабилна состојба.

– Многу е поголем процентот на невакцинирани, незначителен е бројот на хоспитализираните кои се вакцинирани. Обично се луѓе со тешки хронични заболувања и намален имунитет поради претходни заболувања. Можеби 15-тина проценти од хоспитализираните се со една или две дози вакцини, останатите се невакцинирани, изјави Захариева.