Македонија
27. October 2015 - 18:40

Во Битола се одржа јавна дебата за учеството на граѓаните во урбанистичкото планирање

Гаус институтот - Фондација за нови технологии, иновации и трансфер на знаење во соработка со Македонско научно друштво (МНД)-Битола и граѓански организации од општините Новаци и Могила, денес во Битола одржаа јавна дебата на тема „Учеството на граѓаните во урбанистичкото планирање“.

Според Александра Лозановска, координатор на проектот, целта на дебатата е да се иницира стандардизиран дијалог при урбанистичкото планирање во општините, а за што ќе бидат користени и искуства од експерти од Шведска.
 
-Дебатата е составен дел на проектот „Урбан дијалог“ и овозможи да се презентираат иновативни пристапи за комуникација меѓу граѓаните и јавните институции. Дебатата беше исклучително квалитетна, а во неа се вклучија членови на Советот на општина Битола, директорката на новоформираното локално јавно претпријатие за Урбанистичко планирање, преставници на граѓанскиот сектор, Комората на овластени архитекти и Здружението на новинарите, регионален центар во Битола, истакна Лозановска.
 
За искуствата во Шведска на јавната дебата во Битола говореше професорот Мајкл Јохансон од Универзитетот Кристијандштад кој нагласи дека партиципативната демократија во урбанистичкото планирање во таа држава од поодамна е традиција.
 
-Во нашата лабараторија за истражување работиме на урбанистичкото планирање многу интензивно и темелно и посебно на оплеменување на секаков нефункционален простор. Учеството на граѓаните најчесто се практикува со постојана комуникација преку социјалните медиуми и мрежи, граѓаните се вклучени во процесот, нивните идеи и коментари ги прифаќаме и анализираме и секако реалните предлози и ги профаќаме, односно имплментираме. Уметноста и културата се најдобар начин за поголема вклученост на граѓаните во урбанистичкото планирање, посочи Јохансон.