Македонија
23. јуни 2016 - 11:44

Во Битола ревија на филмови од големите светски кинематографии

Битолскиот Центар за култура во соработка со КТ Филм-Медиа и со поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија почна со реализација на ревија на филмови од големите светски кинематографии.

Според Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола, филмската ревија содржи 25 филмски наслови потпишани од светски признати режисери, кинематографери и познати актерски имиња кои имаат значајно место во светската кинематографија и кои освоиле бројни фестивалски награди.

- Со овој проект ќе бидат претставени кинематографиите на Иран, Кореја, Кина, Мексико и Тајван, а со цел да ги доближи најквалитетните и најрепрезентативни филмови од неколку светски кинематографии, кои се чести учесници и добитници на престижни награди на најреномираните светски филмски фестивали. Станува збор за проекции на репрезентативни филмски наслови од светски признати режисери, кинематографери и познати актерски имиња кои имаат значајно место во светската кинематографија и имаат освоено голем број фестивалски награди. Со овој проект воедно се отвора можноста овие кинематографии да завземат позначајно место во македонската кино дистрибуција, место кое секако го заслужуваат по својот квалитет, истакна Димитровски.

Со најновиот проект, НУ Центар за култура-Битола се движи кон ланскиот рекорд од посетители во обновената кино сала, инвестиција што ја воочи и поддржа Министерството за култура, потврди и министерката Елизабета Канческа Милевска за време на посетата на таа национална установа во Битола. 

- Во кино салата што беше обновена со најсовремена кино опрема, минатата година регистриран е огромен број на посетители или над 50.000 гледачи на домашна и светска кино продукција. Верувам дека таа бројка годинава ќе се зголеми за што бев информирана од директорот на Битолскиот Центар за култура, истакна Канческа Милевска.

3Д Кино Битола во летните месеци ќе понуди редовен репертоар. Посетителите ќе можат да уживаат во богатиот избор на филмови во климатизирана сала. Во текот на овој месец најголем интерес публиката покажа за филмот „Воркрафт“, чија претпремиера се одржа на девет денови пред светската премиера, а до крајот на месецот ќе бидат прикажани филмовите „Ден на независноста 2“, хорор-драмата „Место на злочинот“, комедијата „Тајна служба“, и романтичната драма „Пред да те запознаам“.

Во текот на јули, филмовите ќе бидат ориентиерани кон семејната публика, а меѓу насловите кои ќе бидат прикажани е и новиот филм на режисерот Спилберг „Големиот дружељубив џин“, информираат од НУ Центар за култура-Битола.