Македонија
10. October 2019 - 13:52

Во Битола регионален состанок за Оперативниот план за активните мерки за вработување за 2020

Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и општините од Пелагонсикиот регион, денес во Битола одржаа регионален состанок за Оперативниот план за активните мерки за вработување за 2020 година.

Реализацијата на оперативните мерки за вработување во 2018 и 2019 година одлично се имплементираат и искористеноста е многу висока, истакна министерката во Министерството за труди социјална политика Мила Царовска на состанокот во овој град.

-Финансиските средства издвоени за 2019 година во висина од 1,1 милијарди денари се искористени, а со ребалансот што е во собраниска процедура планирано е додавање на финансиски средства, посебно за самовработување и за субвенционирање на плати што покажува дека мерките беа добро програмирани. Со бизнис секторот дискутиравме каде се потребни средства за инвестиција, дообука или преквалификации на работници за да може да ги апсорбираат тие работници, пракса која се покажа како добра, и затоа и оваа година продолжуваме со истиот принцип, подетализирано и со директни насоки од бизнис секторот за да ние како Влада можеме да ги прифатиме, а потоа Агенцијата за вработување да ги имплементира потребните обуки, истакна Царовска.

Високиот процент на реализација на оперативните мерки го потврди и директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска и додаде дека најголем интерес има за самовработување.

-Во 2019 година регистриравме висок процент на реализација по број на склучени договори и реализација на буџетски средства. Пелагонискиот регион покажа голем интерес за учество во активните мерки, тоа го потврдија работодавачите но и невработените лица, имаме над 350 правни субјекти кои во моментов имаат склучени договори со Агенцијата за вработување, и исто така имаме околу 800 акивни договори со неврботени лица. Од активните мерки за вработување, голем интерес има за самовработувањето, потоа практиканството и исто така обуките и преквалификациите за непознат работодавач, посочи Јовановска.

Како домаќин на регионалниот состанок во Битола, градоначалничката Наташа Петровска нагласи дека решавањето на проблемите најефикасно се врши со отворена дискусија.

-Новите вработувања најдобро се решаваат во соработка со сите заинтересирани субјекти посветени на овој проблем. Со отворена дискусија можеме да извлечеме заклучоци, да воочиме каде се движиме и што треба да направиме. Регионалниот состанок овозможува да ги реализираме нашите амбиции, рече Петровска.

Регионалната среддба во Битола се одржа со поддршка од проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, кој го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.