Македонија
21. November 2019 - 9:15

Во Битола промовирана трилогијата „Оживеани искри“ од Божин Андоновски

Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ промовира трилогија за селото Брник, „Оживеани искри“, втора трилогија напишана и потпишана од авторот Божин Андоновски.

Трилогијата ги содржи книгите „Спомени и сеќавања за Брник“, „Оживеани искри: траги“ и „Расфрлени гнезда“, посочи авторот Божиновски на синоќешната промоција во битолскиот Центар за култура.

– Првата книга „Спомени и сеќавања за Брник“ е документарен запис за местоположбата на селото Брник, за жителите кои живееле во тоа село кое денес е оставено само на себе бидејќи нема нити еден жител. Не е лесно да се пишува трилогија во која има поезија и проза. Во моите книги има и многу фотографии како поткрепа на пишуваното, истакна Божиновски.

Трилогијата „Оживеани искри“ ја промовираа професорите д-р Златко Жоглев, д-р Гордана Стојановска, д-р Весна Калпаковска и д-р Даниела Андоновска Трајковска. Пред аудиториумот во Битола, авторот Божин Андоновски најави промоција на нова книга со хумористични раскази.