Македонија
20. November 2017 - 8:44

Во Битола промовирана книгата „Самак“ од новинарот Пеце Стефановски

Битолскиот новинар Пеце Стефановски синоќа во Битола приреди промоција на својата книга „Самак“ и со колегите новинари го сподели заминувањето во пензија.

Книгата „Самак“ е поврзана со впечатоци на авторот од неговите повеќекратни престојувања во Соединетите Американски Држави пренесени низ краток расказ и новинарски стил кој како што рече Стефановски го употребувал Ернест Хемингвеј.

- Централен расказ во книгата „Самак“ е истоимениот расказ „Самак“ инспириран од фактот што го забележав во Америка дека таму срните слободно шетаат низ куќните дворови. Насловот пак сам по себе ми се наметна од песната „Елен самак“ на мојот високопочитуван професор Блаже Конески. Самакот е мојата парадигма за слободата, која со лујарагоновски јазик речено, потребна ни е на сите како лебот – секогаш, насекаде и во сите времиња, рече меѓудругото новинарот Стефановски на синоќешниот промотивен настан во Битола.

Рецеензент на книгата е новинарот, поет и писател Панде Манојлов, дизајн на книгата приреди новинарот Симе Алушевски и двајцата колеги на Стефановски со кои работеше во „Битолски весник“, а во меѓувреме, до пензионирањето Пеце Стефановски работеше во неколку национални телевизиски куќи.