Македонија
11. May 2017 - 15:57

Во Битола промовирана академската база на податоци EBSCO

Националните координатори, Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Скопје, Македонски е-електронски библиотеки - МЕБ и локалните координатори, Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Битола и Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола денеска го промовираа академскиот систем, база за информации EBSCO.

Тамила Миркамалова, вработена во EBSCO информира дека Република Македонија има обезбеден пристап до 14 бази на податоци на  EBSCO кои вкупно опфаќаат околу 50.000 списанија. 

- Од 50.000 списанија, над 18.000 се е-списанија во целосен пристап, голем дел се високонаучни цитирани списанија со фактор на влијание или импакт фактор, 300.000 е-книги, 100.000 биографии, над 140.000 документи, над 270.000 фотографии, мапи, знамиња и други документи. Најголемата база на EBSCO, Academic Search Premier содржи 8.600 списанија во цел текст од кои 7.500 се научни, од кои над 1.500 списанија ги поседува најзначајната светска база Citation Index додека повеќе од 700 списанија во цел текст кои ги има базата Social Science Citation Index ги содржи EBSCO, истакна Миркамалова.

Пристапот до овие бази, како што рече, ќе овозможи подобрување на условите за работа на научноистражувачкиот кадар во Република Македонија, како и приближување на резултатите од научноистражувачката дејност до светските научни достигнувања.

Професорите и студентите на високообразовните и јавните научни установи ќе имаат он-лајн пристап до високо цитирани научни списанија, со што ќе се постигне унапредување на квалитетот на високото образование, како и континуирано следење на најновите резултати од научно-истражувачката дејност во светот.