Македонија
27. July 2019 - 22:00

Во Битола отворен фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“

Со дефиле на фолклорни групи и друштва од државата и светот на Широк Сокак и со орото „Комитско“ кое се одигра на отворена сцена во поранешното ракометно игралиште, вечерва во Битола почна  49. издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“. Фестивалот за отворен го прогласи потпретседателот на Собранието Горан Мисовски.

-За време на фестивалските денови преку своите песни и игри да ја пренесете универзалната порака на прифаќање и почитување на различностите. Вие сте вистински амбасадори на културата, им порача Мисовски на учесниците на Фестивалот.

Од името на градот учесниците на фестивалот ги поздрави градоначалничката Наташа Петровска, а во име на организаторот – директорката на НУ Центар за култура – Битола, Маја Андоновска Илијевски.

На петте фестивалски вечери ќе настапат играорци од три континенти кои ќе ги презентираат националната традиција, фолклорни богатства и култури.

Според програмата, вечерва ќе настапат КУД „Илинден“-Битола, ансамбл „Македонија“-Скопје, културно уметничките друштва „Ристо Донев учителот“-Штип, „Русалии“ од Секирник, „Јане Сандански“ од Неготино, „Китка“-Истибање и „Ибе Паликуќа“ од Скопје, а од странство на фестивалската сцена ќе се претстават гостите од Белгија, Индија, Израел и Мексико.