Македонија
17. December 2019 - 9:34

Во Битола духовна академија во чест на патронот св.Нектариј Битолски

Со духовна академија посветена на светецот патрон св. Нектариј Битолски, денес и утре, Општина Битола и Преспанско-пелагониската епархија ја продолжуваат традицијата и слава во чест на заштитникот на градот.

Според програмата, во салата на битолскиот театар, под диригентство на Игор Гулевски ќе настапи византискиот хор „Св. Нектариј Битолски“, под диригентство на Константин Сековски ќе настапи византискиот хор „Св. Ахил Преспански“, а под диригентство на Мери Чекуткова ќе настапи женскиот хор „Св. Макрина“.

Македонскиот светител од 15 век, преподобен Нектариј Битолски, како дете заминал од Битола, а своето светителско достоинство го стекнал во Света Гора. Од архивите на преспанско-пелагониската епархија може да се прочита и дознае дека битолскиот светител Нектариј, со световно име Никола, настрадал од човечка завист, но тоа достоинствено го поднел и победил а потоа и се издигнал во светител, преподобен маченик. Според житието, Нектариј е роден во Битола околу 1420 година, а умрел како старец на 5 декември во 1500 година. Ковчегот со неговите мошти и врежан релјеф на неговиот лик, ден денес се чува во Света Гора.

По вечерната духовна академија, утре во храмот Св. Великомаченик Димитриј ќе се одржи утринска литургија, претпладнето низ улиците на Битола ќе има и Литија, а напладне градоначалничката Наташа Петровска ќе приреди прием за митроплитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар.