Македонија
10. January 2019 - 16:28

Во Битола бројката на пациенти со скршеници поради снегот и мразот зголемена двојно

Мразот и снегот ја наполнија битолска ортопедија. Откако падна првиот снег во Битола, пациентите со скршеници двојно се зголемија. И ренген службата деновиве е една од најактивните каде се снимаат пациентите со скршеници. Една од пациентите која се наоѓа на ортопедија е и 76-годишната Драгица Шопова од Битола, која се здоби со сериозна скршеница на колкот откако се лизнала и паднала во дворот пред нејзината куќа.

-По скали во дворот, се лизнав и паднав, мислев дека е малку, но сериозно е, ми треба време да се опоравам, вели ДРАГИЦА ШОПОВА, ПАЦИЕНТ НА ОРТОПЕДИЈА.

Во ортопедското одделение нема веќе слободен кревет. Најчести се скршениците на екстремитетите и на карлицата.

-Ортопедсткото оделение е веќе преполно, капацитетите на одделението за физикална медицина се отворени, пациентите се препраќаат на тоа одделение. Мобилни сме како на ортопедија, така на рентген, скршениците се зголемени за 50%, вели СУЗАНА КОНЕСКА, ПОРТПАРОЛ НА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА БИТОЛА.

Најчести пациенти се повозрасните лица, над 60 години. Токму затоа, од битолската болница апелираат да не излегуваат надвор без потреба.

-Мразот е преопасен, особено за нас луѓето во години. Досега имам паднато неколку пати, за среќа без последици, вели еден повозрасен битолчанец.

Новиот снежен бран во Битола кој направи покривка од 30-тина, а наместа и 40 сантиметри и се надополни на веќе постоечкиот снег, донесе нови отежнувања во сообраќајот, особено за таксистите.

-Секаде е тешко да се вози, најтешко по чикмаците. Заглавуваме секаде, вели таксист.     

Од Општина Битола информираа дека од утрово започна координирана акција заедно со јавните претпријатија ги мобилизираат своите капацитети за нормализирање на коловозите и тротоарите како во градот, така и во околните населени места.