Македонија
27. May 2017 - 14:44

Во Берлин отворена изложба на македонската сликарка Михаела Јовановска

Во Берлинскиот „Прима Центар“ од вчера е отворена изложба на македонската уметница Михаела Јовановска, која што германската публика ќе може да ја проследи до крајот на неделава.
 
На изложбата, јави дописникот на МИА, која вчера ја проследија голем број претставници на берлинските уметнички кругови, критичари и вљубеници во уметности, Мијахловска се претставува со просторна инсталација наречена „Traces of other impact“ (Траги на другите влијанија). Со ова уметничко дело авторката преку позиционирање на дела во просторот провоцира непосредна интеракција со набљудувачот.
 
- За мене од круцијален интерес е човекот и неговата мисла, физичката минливост во времето и просторот и емоционалната ранливост, трансферирани симболично во реализацијата на делото преку материјалот со сите негови специфики и постапките на изработка кои ги користи, вели Јовановска за МИА.
 
Македонската уметница во своите дела користи плексиглас и проѕирна принтана фолија со сликарски интервенции кои нудат транспарентност и кршливост. 
 
Таа вели дека „преку целосно транспарентните ликови и врежаните отисоци, претставува еден вид експресивни отпечатоци на ликот во просторот и времето, а преку отсуството на компатибилниот носител на физичката телесност, создава алузија на испразнетост на смислата и ја навестува драмата на човековото постоење“.
 
Михаела Јовановска е родена во 1984 година во Скопје,  во 2010 дипломира на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, на отсекот сликарство. Покрај нејзините три самостојни изложби во Њујорк, Скопје и Берлин, учествувала и на неколку групни изложби во Македонија и во странство.