Свет
13. March 2021 - 11:00

Во Белгија два сомнителни случаи на тромбоза по вакцинација со АстраЗенека

Белгија денеска соопшти дека се идентификувани два сомнителни случаја на тромбоза по вакцинирање со АстраЗенека, но вакцината засега нема да биде повлечена.

Случаи на тромбоза беа детектирани во Данска, Австрија и други европски земји по вакцинација со АстраЗенека. Данска и некои други земји одлучија веднаш да ја суспендираат имунизацијата со вакцината на оваа компанија.

Од кабинетот на министерот за здравство на Белгија, Франк Ванденбрук, потврдија дека се разгледуваат случаите на тромбоза, иако тоа не значи дека тие навистина биле предизвикани од вакцината.

– Станува збор за сигурна и ефикасна вакцина, за сите лица над 18 години и повеќе, и се намалува ризикот од хоспитализација за 94 отсто, велат од кабинетот на министерот.

Белгија ќе продолжи да ја користи вакцината АстраЗенека и покрај ова, но прашање е дали граѓаните ќе прифатат да бидат вакцинирани со дозите на оваа компанија.