Свет
4. December 2021 - 14:31

Во бегство родителите обвинети во име на нивниот син кој уби четворица ученици во САД

Родителите обвинети за убиство од небрежност во име на нивниот малолетен син кој уби четворица средношколци во државата Мичиген се во бегство, а полицијата трага по нив.  

Сè уште не се знае каде се тие, иако нивните адвокати изјавија дека тие ќе и се предадат на полицијата. Џејмс и Џенифер Крамбли ги бара локалната и федералната полиција, изјави денеска началникот на локалната полиција во Мичиген. Адвокатите на двојката велат дека тие не се во бегство, додавајќи дека избегале од безбедносни причини веднаш по пукањето во кое нивниот син Итан уби четворица ученици.

– Тие се враќаат во регионот за да се предадат. Не бегаат од властите, како што пренесуваат медиумите, велат адвокатите. Возилото на Крамбли е пронајдено во Детроит, на околу 60 километри од средното училиште во кое се пукало. Џејмс и Џенифер Крамбли вчера беа обвинети по четири точки, три дена откако нивниот 15-годишен син отвори оган во средно училиште во Оксфорд, на околу 60 километри од Детроит, при што уби четворица ученици, а рани уште седум други. Џејмс Крамбли го зел Итан со себе кога четири дена пред нападот го купил пиштолот кој Итан го донел на училиште, велат обвинителите.

Кога слушнал извештаи за пукање во училиштето, Џејмс Крамбли веднаш се вратил дома од работа за да го побара пиштолот, но не го нашол. Крамбли потоа повикал полиција и рекол дека се сомнева дека неговиот син е напаѓачот во училиштето. Ретко се поднесуваат обвиненија против родители за престрелки во училиштата.

За разлика од некои држави, законот во Мичиген не бара од сопствениците на оружје да го чуваат своето оружје на безбедно место подалеку од дофат на деца.