Свет
23. September 2021 - 9:30

Во Австралија заради случај на зараза во реалити шоу воведен уште еден локдаун

Австралиското реалити шоу „Јас сум славна личност … Тргни ме одовде“ наиде на многу критики откако илјадници Австралијанци завршија во локдаун заради инфекција на еден вработен на сетот на емисијата.

Шминкерката во шоуто, наводно, била на бројни локации во сојузната држава Нов Јужен Велс и е обвинета за кршење на голем број мерки.

Инцидентот крена прашања во врска со снимањето емисии во оваа област.

Жената (31), чиј идентитен не се објави, во саботата долетала од Сиднеј за Балин, бидејќи добила дозвола од владата, пишува Еј-Би-Си Њуз. Потоа, таа викендот посетила голем број локации на северот од државата.

ИТВ, телевизијата која стои зад продукцијата, известува дека жената била целосно вакцинирана и дека на работа носела заштитна опрема.

Меѓутоа, полицијата открила дека таа посетила некои локации кои не биле одобрени во нејзината дозвола за престој и со тоа ги прекршила условите за ослободување што ги добила врз основа на нејзината работа.

Според здравствените протоколи, луѓето кои патуваат од Сиднеј, градот што се уште е  заклучен, мора да останат дома кога не се на работа.

Сето ова сега принуди околу 135.000 лица на седумдневен локдаун, што во сила стапи вчера.

Во меѓувреме, државата Квинсленд ја затвори својата граница за погодените области, а Балин не е далеку од границата.

Овој случај предизвика бес на социјалните мрежи.

„Јас не можам да ги видам моите родители, но ’неопходните’ работници можат да патуваат за снимања“, напиша едно лице на Твитер.

Кетрин Кузак, членка на Законодавниот совет на Нов Јужен Велс, изјави дека е разочарана и го повика министерот за здравство на Нов Јужен Велс да поднесе оставка.

Градоначалникот на Бајрон Шир, Мајкл Лион, рече дека размислува за одземање на лиценцата за снимање на друго реално шоу во оваа област- „Љубовниот остров“. И ова шоу се продуцира од телевизијата ИТВ.