Бизнис
7. September 2015 - 13:02

Во август трошоците на живот повисоки, цените на мало пониски

Трошоците на животот во август годинава во однос на август лани бележат раст од 0,1 отсто, а цените на мало намалување од 0,8 отсто. Во однос на петходниот месец кај трошоците на живот нема промена, а кај цените на мало пораст од 0,4 отсто.  

Според Државниот завод за статистика, пораст е забележан кај свежиот зеленчук за 2,7 отсто, свежото овошје за 1,7 отсто, сувомеснатите производи и рибата за 0,6 отсто, сувото овошје и безалкохолните пијалаци за 0,3 отсто, трајните колбасичарски производи, свежото млеко, замрзнатиот зеленчук и кондиторските производи за 0,2 проценти. 

Пораст на индексот на трошоците на животот во август 2015 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај авионскиот превоз на патници за 31,4 отсто, цврстите горива и пијалаците во рестораните 
за 0,8 отсто, исхраната во рестораните за 0,5 отсто, услугите за одржување и поправки на станот, електричните апарати-мали, услугите за лична хигиена, средствата за лична хигиена и накитот и часовниците за 0,2 отсто. 

Намалување на индексот на трошоците на животот во август 2015 година, во споредба со претходниот месец  е забележано кај јајцата за 1,9 отсто, производите од жито за 1,7 отсто, конзервираните месни производи за 0,8 отсто, другите неспомнати прехранбени производи за 0,5 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,4 отсто, свежото месо и преработките од млеко за 0,2 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 10,7 проценти, услугите за сместување за 4,4 проценти, течните горива и мазива за 3,6 проценти, обувките за 1,7 проценти, гасот за домаќинствата за 1,0 проценти и централното греење за домаќинствата за 0,2 отсто.