Свет
28. April 2017 - 11:36

Во Арканзас извршена четвртата смртна казна во последните осум дена

Во американската сојузна држава Арканзас синоќа беше извршена четвртата егзекуција во последните осум дена врз лице осудено на смртна казна, пренесоа француските медиуми.

- Со вбризгување инјекција усмртен е Кенет Вилијамс, кој беше прогласен за виновен за  убиство, соопшти генералниот обвинител Лесли Ратлиџ.

Според адвокатите, 38-годишниот Вилијамс имал коефициент на интелигенција на дете. Неговата одбрана искористи различни судски средства, стигнувајќи го Врховниот суд, обидувајќи се да се избори за одложување на извршувањето на пресудата во последна минута, но едно по едно сите приговори  беа оттфрлени.

Арканзас, држава во која од 2005 година не се извршуваа егзекуции, изврши четири смртни казни  за осум дена, од кои две  во иста вечер, во понеделникот. Првично властите планирааа да извршат осум егзекуции за 11 дена.

Гувернерот на Арканзас, Ејза Хачинсон, брзањето со егзекуциите го оправда со истекување на рокот на важност на состојките во инјекциите употребени за смртните казни, што завршувале кон крајот на месецот.

Против програмата за забрзување на егзекуциите беа поднесени голем број жалби, а против неа се изјаснија и противниците на смртната казна од цел свет. Како резултат на судската битка беа одложени четири планирани егзекуции, но останатите четири беа извршени.

Кенет Вилјамс прво бил осуден на доживотен затвор, откако во 1998 година ја застрелал 19-годишната студентка Доминик Хард. Во 1999 година тој успеал да избега од затворот и убил 40-годишен маж, а по неколку години и  Сесил Борн, на неговата фарма во близина  на затворот. Бегалецот го украл пик ап воизлото на убиениот и успеал да стигне до Мисури, каде предизвикал автомобилска несреќа во која ја предизвикал смртта на 24-годишниот Мајкл Гринвуд.