Балкан
17. March 2016 - 13:21

Во Анкара и Истанбул воведени засилени мерки за безбедност заради ризик од тероризам

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу денеска ја информира јавноста дека властите ги засилиле безбедносните мерки во Анкара и Истанбул заради ризикот од тероризам, пренесе ТАСС.

-Терористите сакаат да не победат, да го сменат нашиот вообичаен начин на живот и да создадат хаос. Ние, меѓутоа, нема да им го дозволиме тоа и ќе продолжиме да преземаме широки мерки за спротивставување на тероризмот, изјави Давутоглу за телевизијата НТВ.

Премиерот уште кажа дека по терористичките напади на 17 февруари и 13 март владата разгледала мерки за гарантирање на безбедноста.

Ситуацијата во престолнината и во другите големи градови во Турција е напрегната по атентатот во Анкара на 13 март, во  кој загинаа 37 лица и над 120 беа ранети.

Одговорноста за нападот ја презеде „Јастреби за слободата на Курдистан“, вооружена група за која се смета дека е поврзана со Курдската работничка партија (ПКК).

Во Анкара по атентатот беа засилени проверките на автомобили, на улиците дежураат повеќе полицајци, зголемени се и мерките за безбедност и контролата на посетителите во големите трговски центри, како и набљудувањето на ситуацијата по улиците на места каде се собираат многу луѓе.