Балкан
23. August 2020 - 17:44

Во Албанија и понатаму високи бројки на новозаболени со Ковид-19

 Продолжува високата бројка на новозаразени со Ковид-19 во Албанија, што во континуитет е присутна во овој месец, во кој во просек дневно се регистрираат по најмалку 150 случаи.

Во изминатите 24 часа позитивни на Ковид-19 се 152 лица од 785 тестирани случаи. Најголемиот број и понатаму се од Тирана – 74 и Драч 21. Вкупната бројка на заразени од почетокот на пандемијата се зголеми на 8.427 лица од вкупно тестираните 56.057. За жал, речиси константен број имаме и на починати лица. Битката со опасниот вирус ја изгубија пет пациенти кои беа болнички третирани или вкупно 250 до сега, соопшти албанското Министерство за здравство и социјална заштита.

Според Институтот за јавно здравје во изминатото деноноќие оздравеле 148 лица или вкупно 4.332,додека активни на болеста се 3.845.

– Во двете ковид болници се забалежува зголемен број хоспитализирани лица. Во моментот болнички се третираат 148 или седум повеќе од вчера, односно триесеттина повеќе споредено со бројот од пред три дена. Од хоспитализираните 26 се во тешка здравствена состојба, наведува Министертвото.

 

Медиумите предупредуваат на нов кластер на зараза поради масовното присуство на верници на планината Томор, каде по традиција вериците од Бектешката заедница но и други на светецот Абаз Али му се молат за здравје и среќа во семејствата и го даруваат.

 

Ова е најмасовна верска традиција во Албанија, што трае од 18 до 25 август, а освен припадниците на бектешката заедница присуствуваат и припадници на другите верски заедници.

Во изминатите пет дена планината Томор ја посетиле над 400.000 луѓе. На забелешката на новинарите дека не ги почитуваат препораките за заштита од коронавирусот, тие одговараат дека нив ги чува светецот.