Балкан
31. August 2020 - 13:01

Во Албанија дополнителна настава за децата кои не биле во можност да следат онлајн настава

 Во Албанија денеска во ученичките клупи се вратија над 5.400 основци, кои по затворањето на училиштата, поради пандемијата со Ковид-19 не биле во можност да следат онлајн настава.

Како што информираше Министертвото за образование, спорт и млади од денеска до 11 септември во 600 основни училишта дополнителна настава ќе следат основците од прво до петто одделение.

На децата при влез во училиштата им се мери телесна температура, носат заштитни маски, исто како и наставниците, а запазена е и мерката за физичка дистанца.

-Со дополнителната настава се опфатени главно децата од ромска и египќанската етничка заедница, оние од поддалечените рурални области, како и од семејства со значителни економски и социјални проблеми,наведува министертвото.

Претходно Министерката за образование, спорт и млади, Беса Шахини, изјави дека за сите ученици од 1-7 оделение и за ученици од посебни категории до 12-то одделение ќе бидат обезбедени бесплатни учебници.
 
Според последната информација на Министерството, на целата територија на земјата наставата во новата 2020/2021 учебна година ќе почне на 14 септември.

Од друга страна стручните лица од оваа област сметаат дека се уште не се создадени услови за почеток на наставата со физичко присуство, пред се поради препорачаното почитување на дистанца.

Тоа поаѓајќи од фактот што 120 училишни објекти се вон употреба поради оштетувањата предизвикани од катастрофалниот земјотрес, што земјата ја погоди на 26 ноември минатата година.Тие го посочуваат и фактот дека голем број училишта, посебно во руралните средини немаат вода и соодветни други услови.