Македонија
29. July 2016 - 16:20

Во акцијата „Балкан“ паднаа 28 дилери на дрога - Запленето големо количество наркотици

МВР пресече балкански канал за продажба на дрога. 28 дилери од земјава и регионот паднаа во операцијата „Балкан“, по едногодишна истрага која МВР ја спроведе во соработка со албанската полиција. Во рамки на акцијата запленети се 27 килограми хероин, 2 килограми кокаин, над 180 килограми марихуана и повеќе од 50 илјади евра.   Криминалната група била активна во Албанија, Бугарија, Македонија, Грција, Србија и Турција, а дрогата била наменета за европскиот пазар.

Истрагите беа насочени кон организирана кривична група, активна во различни земји од балканскиот регион, која тргува со различни видови дроги (хероин, кокаин и марихуана). Хероинот е набавуван од Република Турција и транспортиран до Република Албанија, со конечна дестинација во земјите на ЕУ. Марихуаната е снабдувана во Република Албанија и транспортирана во  Република Македонија, Грција и Република Турција, велат од МВР.

Меѓу уапсените се и петмина организатори, а издаден е налог и за апсење на 20 други лица вклучени во нелегалните активности на оваа организирана криминална група. Од МВР очекуваат оваа заедничка истрага да даде и понатамошни резултати.