Македонија
16. December 2018 - 12:58

Во 2018 во Берово и Пехчево вкупно 21 лице биле жртви на семејно насилство

– Во Берово синоќа се одржа трибина на тема „Стоп за насилството врз жените дискриминацијата, мобингот и помалите плати“, чија цел е да се подигне општествената свест за постоењето на родово базирано насилство и на домашното насилство.
 
– Ова претставува сериозен проблем со кој се соочуваме не само ние како локална заедница на општинско ниво, меѓутоа како проблем во напата држава и пошироко во европски и во светски рамки, Од тука сознанието за присуството на семејното насилство, неговото препознавање, неговата превенција преку образовниот процес, вклучување на сите чинители во семејството, преку социјалните работници во центрите за социјални работи, полициските службеници, здравствените работници, народниот правобранител и на крај судовите како носители на мерките на санкција треба да го сочинуваат синџирот што ќе води кон спречување на оваа негативна општествена појава, истакна пратеничката на СДСМ Јагода Шахпаска.
 
Како учесник на трибината Грозданка Миловски од ЈУ Центар за социјални работи – Берово информираше дека во 2018 година на територијата на општините Берово и Пехчево се регистрирани вкупно 21 пријава на случаи семејно насилство. Во три од случаите е пријавено семејно насилство врз мажи, додека 18 пријави се однесуваат на семејно насилство врз жени. Според Миловски, еден од ризичните фактори за жена да стане жртва на семејно насилство е невработеноста.
 
-Губењето на работа и не можноста да жената да придонесува во семејниот буџет најчесто фрустрира и обично во таква ситуација се појавува агресија. Економската страна кај сите нас доведува до одредени стресни моменти при што брачните конфликти прераснуваат во семејно насилство. Најголем дел од регистрираните случаи на насилство во Берово и Пехчево во 2018 се случиле во градските средини што не значи дека руралната жена е имуна на оваа проблематика туку дека со системски пристап треба да се работи и на подигање на свеста за семејното насилство и во руралните средини, вели Миловски.
 
На трибината беше потенцирана поразителната статистика која вели дека алкохолот е еден од главните фактори кој во голема мера влијае насилниците да извршат семејно насилство. Статистиката вели дека секое четврто лице пие, а секој втор насилник бил под дејство на алкохол кога го извршил насилството.