Македонија
22. April 2019 - 19:40

Во 11 училишта почна вакцинација на повеќе од 480 деца

Четвртооделенка во Јан Амос Коменски утринава беше меѓу првите деца кои ја примија втората доза од МРП вакцините. Тимови од Здравствен дом почнаа со теренската вакцинација во скопските училишта.

- Во 11 училишта на територија на град Скопје во четири општини денеска ќе се изврши вакцинација на повеќе од 480 деца, изјави денеска во ООУ „Јан Амос Коменски“, директорот на Здравствен дом Скопје, Злате Мехмедовиќ.

Од Здравствен дом Скопје информираа дека не била успешна вакцинација во училиштата на почетокот на годината. Од 3800 деца МРП примиле само 300. Причина била лошата организација.

- Сега на повисоко ниво е подигната свеста за тоа колкава е потребата за вакцинацијата. Министерството за образование активно се вклучи со поддршка на процесот на вакцинација во училиштата. Министерството за здравство даде точни препораки и наредби за тоа како треба таа да се одвива и очекуваме дека овој пат процентот ќе биде значителен, истакна д-р Мехмедовиќ.

Во меѓувреме се зголемува бројот на заболени од морбили. Вчера на Инфективна биле регистрирани 13 нови случаи. А во моментот на Клиниката во потешка состојба се две деца, и еден возрасен,  16 годишно момче заразено со мали сипаници  и понатаму се бори за живот и е на апарати за дишење.