Македонија
26. February 2016 - 16:37

Во 107 земји може да се патува со македонскиот пасош без виза

45 место во конкуренција од 199 пасоши, ова е позицијата на која е рангирана македонската патна исправа во последниот индекс за 2016 година објавен од Хенли & Партнерс.

Границите на 111 земји ги отвара македонскиот црвен пасош без потреба за виза. Токму овој број на земји кои може да се посетат само со пасошот в раце го смествува на 45та позиција исто како и во извештајот објавен една година претходно.

Во конкуренција со земјите од Балканот, македонскиот пасош е на шестото место. Прв на листата е грчкиот пасош, кој влегува и во групата топ десет, односно рангиран е на 7та позиција со можност за патување во 171 земја и има иста вредност како и пасошот на Нов Зеланд.

По него следува словенскиот на 12та позиција со кој може да се посетат 164 земји без виза. Со бугарскиот позициониран на 21та позиција може да се посетат 153 земји без виза. На 24та позиција е хрватскиот пасош, со кој може да се патува во 149 земји без виза.  Српскиот пасош е две места пред македонскиот, позициониран на 43то место и со него може без виза да се патува во 115 земји.

Од земјите во регионот зад нас се Црна Гора на 47та позиција, Босна и Херцеговина на 52та, Албанија на 53та, Најниско на листата е косовскиот пасош, позициониран на 97 место, кој без виза нуди можност за посета на само 38 земји.

Највреден пасош годинава е Германскиот, тој е највреден и прв на листата, а со него може да се патува во 177 земји.  Второто место е за пасошот од Шведска, со кој без виза може да се патува во 176 земји. 

Британскиот пасош од првата, годинава е паднат на третата позиција и со него може да се посетат 175 земји, и има иста вредност како и пасошите на Франција, Финска, Италија и Шпанија.

Најслаба оценка годинава доби пасошот на Авганистан со кој може да се патува без виза во само 25 земји,а пред него на дното на листата се и пасошите на Пакистан, Ирак, Сомалиа и Сирија.

Во групата топ десет има само една промена. Годинава Унгарскиот пасош доби повисока вредност и се најде во десетте најдобри, за разлика од пасошот на Малезија, кој од групата топ десет се симна на 12то место.