Македонија
29. јуни 2016 - 9:42

Внуката на војводата Мише Развигоров за првпат го посети градот Штип

-Израснав со спомените за градот Штип и за мојот дедо познатиот војвода Мише Развигоров,  кои мојата баба ми ги раскажуваше за  неговото минато и револуционерна борба. Сите спомени  ми поминаа како на филмска лента, вака седумдесетичетиригодишната Елисавета Николова ни ги пренесе своите емоции која деновиве го посети Музејот на ВМРО во Ново Село  и гробот на војводата  Мише Развигоров, кој се наоѓа во дворот на црквата „Свети Спас“.

Николова за првпат доаѓа во Штип, од каде што потекнува нејзиното семејство.  Топлото време и конфигурацијата на Штип, кој се простира на неколку ридови, а рамници има само покрај реките Отиња и Брегалница на ова седумдесетичетиригодишна жена не и пречеше да ги види сите спомен обележја и локациите, каде што порано се наоѓале куќите на нејзините дедо Мише  и баба Елисавета. Куќата на Развигорови се наоѓала во непосредна близина на реката Отиња, на местото каде што сега има станбена зграда и е на неколку метри од Центарот за култура „Ацо Шопов“ , а домот на  баба и Елисавета, по која е крстена, се наоѓа во старата штипска населба „Стар Конак“. Сегашните сопственици на куќата и дозволија да влезе во неа и да види каде нејзината баба го поминала своето детство.

-Мојата баба многу ми раскажуваше. Почина на 93 години. Јас пораснав со спомените за Штип, за дедо ми, неговото минато, за револуционерите во Штип. Мојата баба беше многу храбра, прогресивна жена и јас сега немам зборови, многу сум возбудена по се што видов. На 74 години за првпат го видов гробот, спомен плочата, восочната хигура која се наоѓа во Музејот во Ново Село. Си го прегнав мојот дедо  и ги почувствував моите корени,  вели Николова.

Војводата и учителот Развигоров загинал во 1907 година, тој имал претчувство дека неговото семејство е во опасност и за да го заштити од турскиот аскер го однел во Ќустендил, а потоа неговата жена и деца се преселиле во Софија.

 	развигор 1.

Елисавета забележува дека направена е голем чест на нејзиниот дедо, со поставените  документи и восочната фигура во Музејот на ВМРО во штипско Ново Село.

По трагите на семејството Развигорови

Седумдесетичетиригодишната Елисавета е внука на Развигоров од неговата ќерка. Причината зошто Николова за првпат дојде во родниот град на нејзините дедо и баба е историчарот и хроничар на градот Штип, Елена Јосимовска, која вредно истражува за познатите историски имиња , а  кои со своето револуционерно дејствување во Илинденскиот период и НОБ , но  и со своите професии оставиле белег во градот под Исарот  , но и во земјава. Јосимовска ни раскажува дека семејството Развигорови е познато по бројните учители и револуцинери, а сепак сега во денешно време не постои ниту еден штипјанец кој го има презимето Развигоров.

-Многу пати гледав и барав во телефонските именици низ Македонија, дали воопшто постои такво презиме?  Не постои. Многу ми беше интересно и викам мора некаде да има некакви корени, зарем  и ова семејство е веќе изгубено. Но, кога гледав една емисија „Штипјани“, гостинка беше Светлана Којзеклиска и таа спомена дека нејзината баба Катерина е прва братучедка на Развигоров., тоа ми беше првиот показател дека некаде можам да најдам врска за Развигорови, Ја побарава и таа ме упати во Софија, каде што постои семејство Развигоров, а постои и Мише Развигоров, внукот кој го носи името на славниот дедо и исто така дека постои внука Елисавета од ќерка и ми ги даде телефонските броеви. Се најдовме со Елисавета во Софија и еве сега контактираме на моја голема радост, вели Јосимовска.

Македонски револуционер,  војвода, учител и член на ТМОРО Мише Развигоров

Хроничарот на градот Штип, Јосимовска вели дека Развигоров е големо име за македонската историја и за кое се уште треба да се истражува и да се расветлува неговото дело. Во историските документи пишува дека е  роден во Штип  на 28 октомври 1873 година во еснафско семејство.  Во родниот град завршил трет клас прогимназиско училиште, а во Ќустендил и во Казанлак  завршил педагошко училиште.  По завршувањето на педагошкото училиште, работел како учител во штипско Ново Село. Тој бил учител на познати револуционери од штипско Ново Село, меѓу кои и на Тодор Александров.

 	razvigor-4.

- Развигоров е Илинденец, учесник во Илинденското востание и е еден од Апостолите на револуционерното движење. Тој заедно со Гоце Делчев учителствувал во училиштето во Ново Село и можеби  имал поголемо влијание врз населението во Штип од Гоце Делчев, кога бил во Штип. Затоа што меѓу штипјани бил многу ценет, авторитетен, народен учител, така го викале, а и му пишува и на гробот. Тој како учител го водел и му помагал на населението.  Ги организирал протестите во штипската чаршија за да се намалат  даноците. Тој ден, кога биле протестите, дуќаните во чаршијата  не работеле,  вели Јосимовска.

Во историските документи пишува дека во 1893  година во Штип пристигнал Даме Груев, кој работел како учител во градот и тука го основал Месниот комитет на ТМОРО,  во кој членувале: Михаил Арсов, Христо Поп Коцев, Александар Малински, Мише Развигоров, Митре Теранцелиев, Ефрем Чучков и Тодор Лазаров, кој бил раководител., како член на Месниот комитет, Развигоров ја ширел организациската мрежа во околината на Штип и ги организирал приемот, складирањето, препраќањето и распоредувањето на револуционерните материјали.

Името на Развигоров се споменува и во Виничката афера. Првата голема афера со која се соочила Македонската револуционерна организација, а   името го добила по Виница, каде аферата започнала. Повод е нападот на една разбојничка чета на домот на богатиот Турчин Касим бег во село Виница на 15 ноември 1897 година. Четата од неговиот дом  зела околу 800 турски лири, а бегот го  убиле. По што кочанскиот кајмакам почнал со убиства и тортурата врз населението во целиот источен регион. Во Виничката афера се убиени пет лица, петмина други умираат на крајот од тортура, 111 лица се претепани, 13 жени и мажи се силувани, вкупно уапсени се 528 лица, а околу 300 луѓе избегале во Бугарија.

 	razvigor-5

Војводата и учител Развигоров, заедно со повеќемина членови на Окружниот комитет во Штип бил затворен и мачен во штипскиот затвор, а потоа врзан бил носен по штипските, виничките и светиниколските села со цел да се заплаши народот. Гледајќи ги страдањата што ги трпело локалното население, Развигоров решил да ја преземе вината врз себе и признал дека тој ги вооружувал луѓето. Затоа, Развигоров бил осуден на доживотна робија,  заедно со Петар Поп Арсов  и другите членови на Окружниот комитет, на 23 август 1898 година  биле однесени во затворот Подрум Кале во Акија, Мала Азија.

Амнестиран е во 1902 година, по што формирал своја чета и дејствувал во штипскиот и источниот регион. Учесник е во Рилскиот конгрес и на конгресот на Скопскиот револуционерен округ.

Развигоров загинал во пламен во Исарското маало

Внуката на Развигоров, Елисавета Николова и историчарката Елена Јосимовска во разговорот за МИА ги пренесоа спомените и исказите на сведоците како загинал Мише Развигоров.

-Мојот дедо загинал во 1907 година, мојата баба претходна ја испратил во Ќустендил, која била бремена со второто дете, а мојот вујко имал девет години. Тој и кажал дека мора да оди во Штип да изврши контрола, бидејќи човек од организацијата направил проневера со парите, по што ќе се врати. Но, токму тој човек го предава и веќе не се враќа, рече Николова.

Историчарката Јосимовска ја надополнува приказната со тоа што кога пристигнал Развигоров во Штип бил сместен во куќата на Петре Брашнаров во Исарското маало, а со него биле неговите телохранители Петре Жабата и Милан Крстев. На 2 април 1907 година била опколена куќата од турската војска. По што била запалена, според исказите на постарите штипјани Развигоров и другарите изгореле живи,  а според други извори, тие се самоубиле.

- Според кажувањето на мојата баба тој ден  Исарското маало било во пламен, изгореле 20 куќи. Погребот на Развигоров бил масовен, бидејќи штипјани многу го ценеле и го сакале. Јас сум сведок пак  на еден друг настан, поттекнувам од маалото Дамјаница и карши нашата куќа беше неговиот гроб. Тоа беа тогаш Градските гробишта. Во 1956 година кога дојдоа да го рушат брегот, кај Стариот рендген, за да се прави патот кон Ридарското маало. Тој целиот брег го урнаа, со се гробишта, плочи и се. Кога дојдоа до плочата на Мише Развигоров, соседите извикаа и почнаа да пискат, да не ја кршат неговата плоча. Некој отрча до Музејот и оттаму дојдоа и ја прибраа, но веќе беше скршена. Сега таа плоча се наоѓа во Музејот на ВМРО во Ново Село, вели Јосимовска.

razvigor-3.

Внуката на Развигоров раскажува дека откако нејзиниот дедо загинал, нејзината баба почанала да работи на плетачка машина за да  преживее заедно со своите деца во Ќустендил, а потоа се преселуваат во Софија, каде што синот на Развигоров завршува Правен факултет и станува адвокат. Седумдесетичетиригодишната Николова вели дека  сака и нејзините внуци и внуки да дојдат во Штип и да се запознаат со овој историски град, од каде што се и нивните корени. На крајот од нашата средба и разговор Николова вети дека ќе напише се што и раскажала нејзината баба за војводата, учителот и револуционер Мише Развигоров.

Викторија Димитрова-Јованова/МИА