Македонија
18. February 2018 - 16:51

Внатрешна контрола ќе го испитува случајот на тепачка во која беа инволвирани полициски „алфи“

Внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи ќе го истражува синоќешниот случај во Бутел во кој се вмешани двајца припадници на специјалната единица Алфи. Во известувањето од полицијата се вели дека дел од вмешаните во инцидентот се вработени во МВР, но тие во тој момент не биле на должност.

Во сите случаи кога има инволвирани вработени во МВР, се известува и Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди и доколку се обезбедат докази дека сториле кривично дело или прекршок со елементи на насилство, против нив ќе бидат преземени соодветни мерки, се вели во соопштението на МВР.

Двајцата браќа припадници на единицата Алфи вчера попладне учестувале во физичка пресметка со браќа на нивниот зет за сестра на улицата Бетовенова во населбата Бутел. Според известувањето на полицијата, Алфите заедно со нивниот зет дошле пред куќата на неговите двајца браќа каде со еден од нив почнале да се тепаат, а во меѓувреме пристигнал и другиот брат кој со автомобил удрил во алфите и нивниот зет а потоа со пиштол и неколку пати пукал во воздух.

Од МВР велат дека во инцидентот се повредени четворица кои сите завршиле на лекување во болница. Оној пак што со автомобилот влетал во тепачката е приведен на местото на настанот а дополнително ќе се истражува и дали имал дозвола за оружјето со кое пукал.

Според првичните сознанија на полицијата, причина за физичката пресметка и пукањето на улицата Бетовенова се нерасчистено имотно-правни односи, сепак од МВР додаваат дека се превземаат дополнителни мерки за целосно расветлување на случајот.