Македонија
2. May 2018 - 10:07

ВМРО-ДПМНЕ: Животот во Македонија дојде само за криминалниот картел составен од Заеви, Анѓушев и врхушката на власт

Помина цела година, а животот во Република Македонија дојде само за криминалниот картел составен од Заеви, Анѓушев и врхушката на власт. Граѓаните живеат се полошо и едвај врзуваат почеток со крај. Паднаа во вода сите лаги за просечна плата од 30.000 денари, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата информираат дека криминалниот картел наместо да се посвети на создавање на подобра бизнис клима во која што компаниите ќе бидат попродуктивни и ќе може да исплаќаат поголеми плати, се посвети на полнење со пари на личните и семејните фирми.

-Затоа сега одлучија да го применат нивниот добро познат метод на притисок, уцени и закани кон приватните стопанственици да ги зголемат платите дури и да нема економска логика, односно да се предизвика дополнителна штета од ваквиот чекор. Новата апсурдна мерка што ја предлагаат е доказ за безидејноста на неспособното економско трио и неуспехот на досегашните политики. Новата мерка веројатно ќе помогне само да се подобрат платите во фирмите на Заеви и Анѓушев. Заев и Анѓушев треба да одговорат колку работници има во нивните фирми кои земаат нето плата до 18.000 денари, односно ги исполнуваат условите од мерката со која што 30% од покачувањето на платите, фирмите би го покриле од државата, стои во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ и Заев безобразно ги лажеа и манипулираа граѓаните со предизборни ветувања, а денеска сме сведоци дека ништо од тоа не се реализира.

-Државата секојдневно тоне во криминал и корупција. Доказ дека на лагите им нема крај е несреќната судбина на вработените во „Еурокомпозит”. Најпрвин ги лажеа дека веднаш по доаѓање на власт ќе им се исплати се, а сега да ги молат да работат без плата 6 месеци. Криминалниот картел кој е на чело на државата мора да си замине, а водачите на картелот мора да одговараат пред граѓаните еден ден. Колку порано дојде поодговорна и поспособна власт, која што ја разбира економијата и знае да работи, толку побрзо компаниите ќе добијат подобра бизнис клима во која што ќе остваруваат поголеми профити и ќе имаат можност да исплаќаат повисоки плати за вработените, се наведува во соопштението на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.